БИМАС 2025 – XXII Биенале на македонската архитектура

Објавено: јуни 3, 2026
БИМАС

КОЛЕКТИВНА ОДГОВОРНОСТ: КОН ТРАНСГРЕСИВНИ АРХИТЕКТОНСКИ ПАРАДИГМИ

[EN] Collective responsibility: toward transgressive architectural paradigms


МАНИФЕСТ

Архитектурата многу често се сведува на изолиран чин—се гради од мал круг поединци, пасивно се доживува од мнозинството, и се по ретко се доведува во прашање нејзиниот поширок општествен контекст. Но урбаните средини се живи организми обликувани од секоја постапка или пропуст, од сеќавањата и заборавот на нивните жители. Градењето ги надминува временските и општествените ограничувања, овозможувајќи долгорочен процес кој ги поврзува историските наративи со идните очекувања. На овој начин, архитектурата се одвива во континуирана меѓусебна врска помеѓу колективната меморијата и идеологијата, при што нејзините ефекти се насетуваат низ повеќе генерации.

Во таа перспектива, архитектурата се јавува како ултимативен чин на одговорност. Нејзината улога не се исцрпува само во задоволување на прагматичните и естетските потреби, туку претставува моќен катализатор за социо-структурни промени во општеството. Може да ги зајакне релациите со локалниот контекст и наследство или, пак, да предизвика културно отуѓување и раскинување на врските со наследените вредности. Во овој контекст, архитектите и планерите, како медијатори меѓу техничко-технолошките услови и социо-културните детерминанти, преземаат клучна улога чии одлуки имаат длабоки импликации во сферата на културното наследство; нивната способност критички да синтетизираат низ историските слоеви и да го почитуваат локалниот идентитет определува дали архитектонските интервенции ќе внесат одржлив и автентичен развој, или, пак, ќе поттикнат процеси на амнезија и отуѓување.

Во теоретската рамка што ја застапуваше Алдо Роси и неговите соработници, особено преку проектот La Città Analoga – претставен како архитектонско-теоретска платформа на Венециското архитектонско биенале во 1976 година – изградената текстура се согледа слоевито, еден вид урбан палимпсест, каде секој нов градителски зафат се „впишува“ врз веќе постојните мемории, врежувајќи нови „енграми на сеќавање“ во изграденото ткиво. Според Роси овие наталожени траги и мемории не се пасивни фрагменти, туку активни учесници при обликувањето на урбаниот идентитет и колективната свест. Оттука, архитектурата има потенцијал да се афирмира како артефакт на континуитет и наместо да ги занемари и избрише, да ги обедини историските значења во современа и кохерентна целина.

Сепак, сведувањето на архитектурата само на козметички интервенции неретко ја претвора во спектакл на моментална привлечност, суптилно трансгресирајќи кон модел на урбана амнезија – процес што ги потиснува подлабоките социо-урбани слоеви во историска и културна смисла. За да се надминат ваквите редуктивни пристапи, неопходно е созревање кон колективна одговорност што ќе овозможи создавање на трансгресивни архитектонски парадигми – модели кои треба да ги преиспитуваат и надминуваат конвенционалните архитектонски деривати, без притоа да ја повредат врската со наслоеното наследство.

Како што архитектонските теоретичари нè потсетуваат, архитектурата никогаш не е неутрална. Таа ги обликува нашите искуства, ги кодира нашите наративи и ги проектира нашите очекувања врз светот. Затоа, треба да се третира како општествен договор—спогодба според која секој проект и секоја идеологија треба да се стреми кон унапредување на заедничкото добро. Соочени со плејада трансформативни модели, чекориме по тенка линија каде можеме или да ги занемариме колективни мемории, или вешто да ги вплетеме во современиот дискурс за да создадеме поодговорна и поинклузивна архитектонска иднина.

Изборот е наш—заедно!

Иван Мирковски – Претседател на Организационен одбор на XXII БИМАС_2025