АРХИТЕКТУРА VÉRITÉ

Објавено: август 23, 2026
Вести

Осврт по повод XXII биенале на современата македонска архитектура – БИМАС 2025

Тринаесет куќи, четиринаесет станбени згради, две детски градинки, два хотела, три објекти со мешана употреба, администрација, банка, академски центар, стопански објект, интервенција во јавниот простор… тоа е двегодишната продукција изложена на XXII биенале на современа архитектура во Македонија БИМАС 2025.

БИМАС има двоен карактер да го прикаже рецентниот пресек на архитектурата, но и да се надоврзе на хронологија на дела и личности на македонската архитектура. Токму таа двојност го дава карактерот на оваа изложба, отворена како собир на различности, еден вид архитектура на вистината.

Терминот vérité, позајмен од филмскиот правец cinéma vérité, овде е употребен како критичка рамка преку која се чита актуелната архитектонска сцена претставена на XXII издание на Биеналето на современата македонска архитектура. Она што cinéma vérité го претставува во филмот – директен, нефилтриран, документиран поглед на реалноста – се трансформира овде во архитектура vérité: сведоштво за тоа каква архитектура реално се проектира и реализира во Македонија денес. Не онаа идеализирана, арбитрарно селектирана слика, туку онаа што навистина постои – со сите свои противречности, недоречености, амбиции, компромиси и потези на отпор.

БИМАС, како традиционален настан со отворено пријавување, претставува документарен израз на моменталната архитектонска продукција. Во таа смисла, ова Биенале не нуди само курирана изложба со „најдоброто“ од архитектурата, туку и пресек, слој по слој, низ кој може да се согледа комплексната состојба на професијата – како систем и како култура.

На ова, дваесет и второ издание, се пријавени вкупно 149 труда: 76 проекти, 10 конкурсни труда, 41 реализација, 16 ентериери и 6 урбани проекти. Таа бројка е повеќе од индикативна. Таа зборува за обемот на продукцијата, но уште повеќе за приоритетите – и оние на проектантите, и оние на инвеститорите, и оние на институциите што ги одобруваат и овозможуваат овие проекти.

Што се проектира и што се гради?

Типолошката структура на изложените трудови покажува изразит дисбаланс: станбената архитектура доминира со над 60% од трудовите – 35 едносемејни и 9 повеќесемејни објекти во категоријата проекти и 13 едносемејни и 11 повеќесемејни објекти во категоријата реализации.

Таа доминација ја отсликува реалноста: архитектонското производство во Македонија е, пред сè, реакција на приватниот пазар, на индивидуалните побарувања и на интересот на градежниот капитал. Хотелите (9 проекти, 2 реализации) и мешаните комерцијални типологии се логично продолжение на тој тренд.

Од друга страна, она што е отсуство е уште повпечатливо: само два проекта за образовни институции (кои не се од главниот тек на образовната дејност, туку поддршка на академската работа), две детски градинки, едно агрикултурно складиште, три проекти за јавен простор, една интервенција на мостови и најзагрижувачко е отсуството на основни јавни функции како: нови здравствени установи, студентски домови, домови за стари лица, посистематски артикулации на јавниот простор.

Тоа е симптоматично не само за архитектурата, туку и за поширокиот социјален контекст – онаму каде што државата и општините се повлекуваат, архитектурата станува алатка на капиталот.

Каде се проектира и се гради?

Географската распределба на трудовите открива повторна концентрација во Скопје – 71 пријавен труд, што значи речиси половина од вкупната понуда. Следуваат: Струга, Тетово, Битола, Маврово и неколку села и помали населби – Бардовци, Чучер Сандево, Лабуништа, Велестово, Нижеполе, Муртино…

Иако се работи за дисперзирани појави, тие носат значење: архитектурата постепено почнува да се појавува и надвор од централните урбани јадра. Сепак, суштинската нерамнотежа останува: не постои територијална стратегија, туку само точкести реакции на индивидуални нарачки.

Каква архитектура се нуди?

Модернизам на слободна рекомпозиција на елементи, фрагменти и синтакса на модернистичката традиција, како еден вид модернизам на слободен стил (free style modernism). Секако дека таа појава има и критички и позитивни рефлексии.

Во голем дел од трудовите се гледа тоа струење, флукс, на препознатливи слики на архитектонска репрезентација, кадри, склопови, материјали, текстури, бои – еден вид глобален инстаграм-модернизам. Така ако од една страна имаме одредено култивирање на приказот, од друга страна имаме сведување на неговите површински ефекти.

Формалниот и стилски јазик на трудовите е во најголем дел хибриден – мешавина на модернистички репертоар со постмодерна слобода. Објектите често се проектирани како „ефектни“ форми, приспособени за дигитална презентација – визуализации кои повеќе сакаат да изгледаат добро отколку да бидат добри архитектонски решенија.

Архитектурата се третира како обвивка, енвелопа, амбалажа. Недостига контекстуалност, типолошка длабочина или барем изразена позиција кон јавниот простор.

Но на маргините од таа слика се појавуваат трудови што зборуваат поинаку. Таму се проекти што се обидуваат да артикулираат нови форми, нови односи со теренот, со корисникот, со материјалот. Таму се обиди за геометриска иновација, за програмска флуидност, за повторна смисла на малиот зафат.

Присутни се и трудови што ја враќаат архитектурата на рационалноста, што се обидуваат да градат со мерка, со економија на средства и на израз.

Такви примери можат да се препознаат во проектите на помлади или посензитивни студија и архитекти: Архитектура Нова, К87а, Proxy, Параметар, БАМ, Томе и Васил Тимов, Виолета Бакалчев, Зорица Блажевска, Гордан Петров и Александар Петановски, Саша Тасиќ, Димитар Папастериевски, Јоне Илковски и други.

Не станува збор за стил, туку за позиција – архитектура што не се плаши да биде тивка и нагласена, прецизна и замислена, ограничена но значајна. Архитектура што не сака да доминира, туку да живее.

Можни насоки

Ако ова Биенале се чита како огледало, тогаш сликата што ја рефлектира не е ни црно-бела, ни спектакуларна. Таа е сложена, фрагментирана, амбивалентна.

Од една страна, се гледа реалната продукција – таква каква што е: најчесто реактивна, зависна од пазарот, со минимален ангажман за јавниот интерес. Од друга страна, се појавуваат искри на можност, на истражување, на интелигентна и чувствителна архитектура што се развива на маргините.

Токму надвор од главниот тек – било географски, било типолошки, било концептуално – се појавува потенцијалот за еден автентичен, современ архитектонски израз. Тој не доаѓа од центарот, не е институционално овластен, туку е практичен, аналитичен и самосвесен.

Архитектура што не глуми значење, туку го создава.

Виолета и Минас Бакалчев
Селектори на БИМАС XXII