На 19 мај 2026 година, во с. Разловци свечено беше отворен обновениот Спомен-дом на Разловечкото востание, во рамки на одбележувањето на 150 години од Разловечкото востание (1876-2026). На настанот присуствуваа претседателот на Владата на РС Македонија Христијан Мицковски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, претставници на институции од областа на културата и заштитата на културното наследство, јавни личности и бројни граѓани.
Проектот за конзервација и реставрација е реализиран од Национален конзерваторски центар, со финансиска поддршка од Министерство за култура и туризам, во рамки на Годишната програма за остварување национален интерес во културата за 2026 година.
Директорот на Националниот конзерваторски центар, м-р Александар Јорданоски, ги претстави реализираните конзерваторско-реставраторски зафати, истакнувајќи дека обновата на Спомен-домот претставува значаен придонес во зачувувањето на македонското културно и историско наследство и афирмацијата на националниот идентитет.
Автор на објектот е Георги Константиновски, додека автор на Основниот проект за конзервација и реставрација е Ѓурѓица Лековска, дипл. инж. арх. – советник конзерватор. Во реализацијата на проектот учествуваа и м-р Цветанка Хаџи Пецова и Игор Кузмановски, а конзерваторскиот надзор го вршеше Константин Димитровски.
Со обновувањето на Спомен-домот, Разловци дополнително се афирмира како значајна точка на македонската историска и културна меморија, отворајќи нови можности за културна промоција и развој на регионот.
Настанот го посети претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Валентино Константиновски во придружба на архитект Ангел Ситновски, претседател на Собранито на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и проф. д-р Анета Христова Поповска, декан на Архитектонски факултет при УКИМ.
Валентино Константиновски, на самиот настан како претставник на семејството Константиновски и син на авторот, беше почестен од организаторите со плакета по повод 150 години од Разловечкото востание.
ААМ несомнено и целосно ја поддржува секоја идеја за чување и грижа на важните архитектонски споменици кои ги имаме во наследство. Лекциите од минатото се важен водич и учител кон подобра иднина и секое нивно ново читање е разбирање на нов слој од нивната идеја.






